До нејзиното срце

 

Таа вечер беше прекрасна, исто како некогаш. Си ја задржала отменоста и сјајот во очите, а еве поминаа долги и мачни седум години откако ја оставив.

Будала бев, изгледа и останав. Јас на мои 28 години тогаш мислев дека со нејзините 18 години нема никаде да стасам. Малечка беше, без искуство, толку невина што по некое време почна да ми здосадува од нејзиното неискуство. А не требаше да ми здосади. Воопшто!

Во моментот кога требаше да се поклонам пред нејзиното ангелско лице и пред жртвата која ја даваше само за да биде со мене, јас ја згазнав и ја оставив, ја понижив, ја повредив…

После седум години од тој момент душава ми посака повторно да ја видам. Да видам дали нашла некој подобар од мене, како се држи во животот, како сега откако заврши факултет. Да видам дали ќе се разгори барем една малечка искра или сите згаснаа тогаш.

Едвај го добив нејзиниот број.  И се јавив и на моја среќа или несреќа прифати да се сретнеме на нашето место, кај брегот. Доцнеше неколку минути…Мојата убава, секогаш доцнеше, не ја сменила таа навика.

-Здраво.- се насмеав кога полека се упати кон мене. Станала жена, веднаш се гледа. Млада, зрела жена. Почнала бисери да носи, косата и беше долга и имаше толку прекрасни локни, но парфемот го препознав. Тоа беше истиот оној парфем на кој ми мирисаа сите кошули после гушкањето со неа. Сеуште беше во моите ноздри и ми разбуди прекрасни сеќавања.

-Извини што доцнам, само што завршив со сотанок. Здраво…- од нејзиното оправдување и силниот стисок на нејзината нежна рака претпоставив дека е деловна жена.

-Добро е. Знаеш дека  никогаш не ми пречело твоето доцнење…Обожував кога те чекав.
Се насмевна ама онака, вештачки, па отиде и седна на клупата. Нашата клупа…Местото каде прв пат се бакнавме и местото каде таа кобна вечер ја оставив да седи и да гледа во морето. А јас, како по навика, заминав.

Седнав до неа. Тој мирис, таа уста… Тие густи црни трепки и длабоки кафеави очи…Уф!

-Зошто ме побара после седум години и три дена?- ме праша зачудувајќи ме со фактот дека ги брои деновите.
-Посакав да те видам. Сакав да знам како ти е во животот.- и одговорив со интонација полна надеж мислејќи дека се може да биде како некогаш.
-Па и нема нешто многу да се знае.
-Си се променила. Те паметам како девојче, како онаа убава слатка Ања која секогаш сакаше се да искуси.
-Најлошото го искусив веќе, а таа слатка Ања ја нема. Се менуваат луѓето, знаеш…
-Научив да читам меѓу редови. Грешка беше што те оставив…Можеби сега работите ќе беа поинакви. Можеби ќе бев дел од сите промени кои ти се случуваа овие години.
love, couple, and vintage image

Ме погледна во очи и ме прегрна. После толку време ја ставив главата повторно на нејзините гради, како некогаш.

-Злато, уште чував нешто за тебе. Така, кога ќе дојдеа утрата полни со невољи и кога ништо не ми одеше од рака доволно ќе ми беше само да погледнам во тебе и да се вратам во нормала. И се надевав дека ќе ти помине, дека ќе се вратиш. Ден по ден се струпаа седум години, замисли. Го нема  веќе тоа нешто. Од ден на ден се повеќе и повеќе созревав. Не сакам да се навраќам на тие моменти кога не ми беше до ништо, кога се што ми требаше беше ти и ваквата прегратка. – мислите ми се изгубија, солзи ми навираа во очите, ми доаѓаше да ја бакнам, но таа продолжуваше да зборува. – Сега е доцна навистина. Мислев дека малку ќе потраеме, малку повеќе. Сакав ти да ми потраеш, ќе ти простев, зашто единствен ми беше. И среќа, и радост, и солзи… Се ми беше. Ама не повеќе, сеедно ми стана дали ќе си до мене или не. Знам само дека не сакам повторно да имам личност како тебе во мојот живот. Ања што се грижеше се да ти угоди почна да мисли на нејзиниот живот и за нејзино добро искрено не сака да бидеш до неа.

Ме заболе некаде на левата страна, ме боцна, солза пуштив…Нејзините зборови беа толку тешки што ме закопаа во песокот. Ми се насмевна, ја подаде раката и нежно ми ја избриша солзата која ми се стркала по образот. Потоа ме бакна.

-Твоите солзи биле посолени од моите.- ми рече станувајќи од клупата.
-Можеби затоа што тебе тогаш те болеше, а мене сега ми се кине и душа и срце…И пече, не само што боли. Пече како пепел на пресечено место.
-Нека пече злато. И треба да пече. Ова ти е карма.- зачекори накај нејзиниот авотмобил со женствен и тежок чекор.

Станав рефлексивно од клупата и извикав:
-А што со патот до твоето срце? Ја би да го поминам уште еднаш, можеби овој пат ќе стигнам до него, овој пат нема да направам грешка.

Пред да се качи во колата рече:
-Ја не би да се враќаш по тој пат. Израснаа трње, а и белите рози што толку ги сакав веќе овенаа. Ништо не остана од нив. Подобро нека те пече како пепел, отколку со секое твое движење да ти се забива по еден трн во кожата. Чувај се.

И толку. Замина. Како облак, дојде, се истури и си замина. Не бев доволно маж за да го изодам патот до нејзиното срце. А имаше проклето големо срце полно со љубов и внимание, полно со богатство, само јас немав храброст да стигнам до него. Проклетство!

Advertisements